Бајрам Шаин алиас Шењ берберската кариера ја започнува на својата 14 годишна возраст. Денес, дедо Шаин има 70 години и со носталгија во гласот се присетува на неговите почетоци, како и за неговиот роден град Скопје. Разговорот го направивме во елитниот стек хаус „Микаса“ каде што дедо Шаин често пие турско кафе. На нашите прашања одговараше како од пушка, а погледот му беше вперен во далечината, додека од овде, јасно се гледаа светилките на нашето и негово Скопје.

-„Кога почнав да работам како чирак во тогашните берберници имав само 14 години. Бев дете но сакав да го научам овој занает. Потоа бев калфа, така беше во тоа време. Работев буквално низ цело Скопје, од Драчево,скопската чаршија, старата Автобуска станица, Топанско поле. Во далечната 1977 година го отворив мојот сопствен берберски салон во скопската населба Аеродром“, раскажува дедо Шаин.

Зошто му го дадовте името „ШЕЊ“?

-“Во тоа време беа многу актуелни каубојските филмови. Алан Лад беше познат вестерн актер кој го викаа токму Шењ. Јас бев голем љубител на американските вестерн филмови. Бидејки бев првиот бербер во оваа скопска населба, имав многу работа. Клиенти доаѓаа од секаде. Дуќанот се наоѓаше во самата зграда на денешниот пензионерски дом, во близина на воениот базен. Дуќанот денес е празен, но често поминувам да го видам, па таму поминав цели 30 години“, се потсетува Шаин.


Тој вели дека главни муштерии му биле сите генарали и офицери од екс-Ју а најмногу му оставил впечаок генерал Ратко Младиќ, како и генерал Мите Арсовски.


-„Во 90-тите години од минатиот век најмногу се бараа класичните фризури зошто класиката не губи од мода. Ме канеа на семинари, но немав време за тоа. Тогаш беше активно еснавското здружение, тие се грижеа за нас берберите и цените ги диктираше здружението. Тогаш цената беше околу 150 денари од шишање. Имав многу работа па дури и неможев да ручам на раат. Се пензионирав во 2016 година. Денес си ги чувам внуците Хава и Амин и уживам, во пензинерксите денови“, додава дедо Шаин.

Подготви: Зоран Василевски – Фаци