Канарскиот остров Ла Палма, каде што вулканот еруптираше пред 40 дена, денеска беше погоден од земјотрес со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала, но љубопитните туристи продолжија да пристигнуваат за да го набљудуваат вулканот.

По ерупцијата на вулканот секојдневно се регистрираат земјотреси, но ова е најсилниот досега. За време на викендот, по повод Денот на сите светци, на Ла Палма се очекуваат околу 10.000 посетители кои сакаат во живо да ја проследат сцената од ерупцијата на лавата, јавуваат локалните медиуми.

Билетите за бродови и авиони за овој викенд се распродадени, објави локалната туристичка агенција. Туризмот сочинува 20 отсто од БДП на островот, но откако вулканот еруптира на 19 септември, капацитетот на хотелите се намали од 70 отсто на 40 отсто.