Според милијардерот, првите луѓе кои ќе добијат мозочни чипови ќе бидат оние со тешки повреди на ‘рбетниот мозок.

Илон Маск изјави дека Neuralink, неговата компанија за BMI технологија (интерфејс на мозок-машина) која може да го поврзе човечкиот мозок со компјутер, се надева дека следната година ќе ги започне првите импланти на мозочни микрочипови кај луѓето, пишува Business Insider.

Neuralink, компанија основана во 2016 година, развива чип што ќе биде вграден во мозокот на луѓето за истовремено да снима и стимулира мозочна активност. Наменет е за медицински апликации како што се третман на сериозни повреди на ‘рбетниот мозок и невролошки нарушувања.

За време на еден настан, Маск беше прашан што планира да направи Neuralink следната година, на што познатиот милијардер одговори дека Neuralink моментално работи со мајмуни и дека тие прават тестови за подобрување на технологијата.

Во истата прилика, тој додаде дека се надева дека првите чипови ќе бидат вградени во човечкиот мозок следната година. Тој подоцна на Твитер додаде дека напредокот ќе се забрза кога чипови ќе бидат вградени кај луѓето следната година бидејќи „тешко е да се разговара со мајмуни“.