Младиот сликар  Стефан Александарски  од Велес првата своја самостојна излажба ја направил на 13 годишна возраст.Ова младо момче за кое велат дека Бог му подарил  златни раце и голем талент за цртање, денес има насликано без број уметнички дела, за кои, како што вели му се подеднакво драги.

-Сум работел на огромен број нарачки на уметнички дела, како во мали така и во големи формати изработени со различни техники од молив, до масло, на кои имав претставувани најразлични мотиви од пејзажи до портрети, кои сега красат голем дел на домови и фирми. Еден од поголемите проекти ми беше дел од иконостасот на манастирот Св. Преображение во Крушево каде заедно со сестра ми насликавме икони во руски стил,вели Стефан за нашиот портал.

Првата самостојна изложба тој ја направил во 2011та год. во ликовниот салон во Велес кога имал само 13 години.

-Се состоеше од дела кои служеа како времеплов на моето уметничко усовршување откако почнав да работам (8 години) па се до тогаш. Посетеноста беше со рекорден број. Следна изложба имав на 20.07.2016 (точно на мојот роденден), заедно со татко ми Златко и сестра ми Кристина, во Музеј на град Неготино, по повод “Денови на културата на Неготино”, која исто така имаше рекорден број на посетеност,раскажува младиот уметник.

Кога осети дека имаш талент за сликарство?
-Мојот прв допир со уметноста беше на слика на татко ми. Откако паметам, јас секогаш го гледав како работи. Ќе седнев до него кога ќе го видев да се намести пред штафелајот и му ги гледав рацете. Кога меша бои на палетата, гледав. Кога нанесуваше боја на платното, гледав. Еден ден собрав храброст и јас да повлечам некој потег додека тој беше излезен. Работев на небото на таа негова слика која беше во фаза на доработка, слика од голем формат и Карачи стил. Кога татко ми се врати, мојата помала сестра ме поткажа. Истрча татко ми во атељето за да види што расипав, но кога застана пред платното тој не знаеше што да види. Не се двоеше мојот дел од неговиот. Талентот дефинитивно го наследив од татко ми. Освен генетска креативност, доста ми помогна и тоа што сум растен во уметничка средина. Мини библиотека со стари книги за класичните мајстори, маслени бои, платна, пастели и се што ми треба. Ги имал потребните средства за изразување.

Имаш ли идол во светот на сликарите од светски рамки?
-Идоли имам многу меѓу кои и: Рембрант, Рубенс, Дирер, Караваџо, Веласкез, Bан Дајк, Спањолето, Ајвазовски, Репин, Крамскои, Рафаел, Микеланџело, Тицијан и многу други.
Ги откривав во книгите. Со секое прелистување се повеќе и повеќе ми растеше желбата да можам да творам како нив. Сега сум 22 годинишен и сеуште работам активно на случајот бидејќи долг пат треба да се помине за да стигнам до ниво поставено од големите имиња на историјата на уметноста. Ќе биде многу тешко до невозможно, но со работа морам да ги исполнам желбите на детето што бев.

Омилен правец?

Правецот во кој работам не е сеуште утврден. Класичните влијанија се присутни и секогаш ќе бидат, но во секој случај, овој период ми служи за експериментирање. Не се брзам да го најдам својот стил.
Многу уметници го нашле дури на стара возраст. Јас само сликам што ми доаѓа кога ми доаѓа и трагам полека по одговорот на ова прашање. Не е нешто што треба да се форсира. Одговорот ќе ми дојде сам, а ако почнам да трчам по животниот односно творечкиот пат, можеби ќе се резминам со она по кое што трагам. Полека.-Школуван сум од 8 до 14 години од страна на татко ми. Средно уметничко следните четири години, од страна на професор Сашо Барјактаров и професор Венко Цветков, од коишто исто така доста научив. Последниве години се школувам сам себе си преку истражувања и експериментирања во творењето,додава Стефан