Мартина Димоска неодамна објави дека дипломираше на престижниот Florida Institute of Technology каде што посетуваше Commercial Space Studies Graduate Program. Имено, Мартина доби стипендија од Aldrin Family Foundation, каде што професор и беше Енди Алдрин, синот на прочуениот Астронаут Баз Алдрин, кој што стапна на месечината. Таму, Мартина се стекна со многубројни знаења, но и успеа да ја презентира својата земја Македонија, и да разглоби преку многу истражувања дали и како Македонија би можела да се развие и приклучи кон растечкиот вселенски сектор и неговата индустрија.

Мартина не застана тука. По дипломирањето, доби стипендија и на реномираниот International Space University, каде што во моментов ја посетува програмата Masters of Space Studies. Мартина по дипломирањето ќе биде Магистар на Вселенски Студии.

Овие два универзитети се лулки на иновација, и навистина познати во вселенскиот сектор, и по алумните меѓу кои има многубројни астронаути и лидери во индустријата.

International Space University (ISU) има натпреварувачки дух, па во додатните активности студентите после лекциите имаат работилници каде што ги имплементираат своите вештини во тим и учат едни од други.

Неодамна имале лекции од Доктор Казуја Јошида, раководител на Лабараторија за Вселенска Роботика и Истражување на Катедрата за Воздушно Инженерство на Јапонскиот национален универзитет Тохоку. После часовите, имале работилници и LEGO натпревар каде што целта била да изградат лего робот кој што треба да ги има следните перформанси: Капацитет да собере голема количина на камчиња, да избегнува судири и лесно да менува насоки, да ги препознава границите, и успешно да се враќа на почетната стартна точка, како база. Секој тим бил назначен по случаен избор, и после успешно имплементирање на почетните потребни параметри, студентите можеле да го надградуваат роботот, и да бидат креативни, со цел за поголем успех.

Мартина објави дека нејзиниот тим го освоил првото место затоа што имал најмногу поени, а тоа се должело на одличната тимска работа. Тимот се викал Лапидарци од очигледни причини, а на роверот му дале име Rock Hound.