Сара Кочан е прекрасна личност која ги содржи сите карактеристики кон кои макотрпно се стреми нашето општество. Преку нејзиното студио за модерни танци, Сара,  успеа да создаде место во кое сите се исти и рамноправни без разлика на нивниот род, социјален статус, возраст и слично. Ова е неверојатен пример кој би требало да го следиме СИТЕ, за да нашите потесни или пошироки опкружување ги направиме доволно инклузивни во кои секој би се почуствувал удобно и среќно, полезно и успешно без разлика на “посебноста” која ја чувствува или поседува.

 

1. Дали планиравте по тој начин да го развивате вашето студио, или работите се случија сами по себе…?
-Со самото основање на клубот со мојот сопруг Нермин, имавме идеја и желба да создадеме место каде сите се добредојдени, место без предрасуди, место кое не дискриминира туку сосема спротивно ги прифаќа различностите како движечка сила и алатка за подобро општество. Кон таа цел и работевме сите овие години и продолжуваме со полна пареа напред .

2.Како успевате да ги одржите мотивирате сите вашите членови?
-Имаме благодет да го работиме тоа што го сакаме и токму таа љубов ја споделуваме со нашите членови. Преку танцувањето се лачи и хормонот на среќа па автоматски сите кои што танцуваат или вежбаат се чуствуваат подобро , а наше е да ги научиме и да им покажеме дека е возможно секој да танцува и дека изреката за двете леви нозе е само мит 🙂

3.Што е она што ве прави поразлична од другите тренери?
-Секој тренер воспоставува врска со неговите ученици , истото се случува и со мене и моите ученици. Секој добар тренер се труди да го извлече најдоброто од своите ученици, притоа истакнувајќи ги нивните квалитети и силни страни. Јас се трудам на секој мој танчер да му поставам кореографија со елемнти кои најмногу им лежат и секојдневно се трудам да изнајдам методи како да им го предадам материјалот на начин кој најлесно ќе  го сфатат.

4. Изминатава година имавте прилика да присустувате на TEDx Ферхадија, која беше главната причина да Ве поканат како презентер?
-Организациската екипа од ТЕДх ме контактираа некаде минатото лето и ме прашаа дали би била заинтересирана да бидам спикер на нивната конференција на крај на 2019та година, бидејќи темата на оваа конференција беше “Unity in Diversity”, а они ја препознале мојата работа во полето на инклузијата и единството и сакаа да слушнат малку повеќе за тоа што го работам јас и мојот клуб Dancers United .

5.Со какви впечатоци се вративте од TEDx:
-Голема чест и огромно искуство беше да се биде дел од една таква беспрекорна организација и да се биде помеѓу 12 презентери од цела Европа (Шведска, Белгија, Англија)…, кои се иновативни и служат за примери во нивните полиња на работа. TEDx презентер може да биде секој кој направил нешто поинакво, нешто што вреди да се сподели со другите и некој кој има приказна што мотивира и што служи за пример на општеството. Да се биде дел од еден ваков панел и ваква организација е навистина убаво и исполнувачко и е афирмација дека сме на прав пат и дека тоа што го правиме може да служи како модел и на другите во општеството. Нашата цел и визија е да нема дискриминација и сите да бидат третирани и да се чуствуваат еднакви.

6. Дали се чуствувате само-реализирано? Дали е најголемото достигнување за вас и тука би престанале?
TEDx беше убаво заокружување на една многу успешна година, но не би рекла дека е мое најголемо достигнување, јас сe’ правам со многу љубов и пасија и кога таа моја работа се препознава е секако убаво чуството. Работам на себеси постојано , сега студирам и магистарски студии- Психологија и психолошко советување како би можела повеќе да ги разбирам сите различности и различни карактери, работиме со деца и тоа е навистина одговорна работа која јас многу сериозно ја сфаќам.

7.Што планирате понатака да развивате во рамки на студиото Dancers United?
-Месецов започнуваме со 5та година ФИТ90 програма , ФИТ90 е глобален проект за 90 дена и е можност преку едукација околу исхрана и физичка активност на едноставен и забавен начин да се постигнете посакуваниот резултат и изглед. Тука се добива инспирација, конечно да се примени тоа што се знае и тоа што ќе се научи.  Се спремаме за Европско првенство во Москва во месец март со нашите танчари со Даунов Синдром и со нашата латино репрезентација каде јас и мојот сопруг Нермин сме и официјални судии, следат уште неколку натпревари во државата и надвор од неа за сите наши танчари од латино, хип хоп и балет од 4 години па нагоре.Во студиото имаме повеќе од 300 членови па секојдневно бара развиивање на методи и организација на се :-).

8.Како Вие го научивте јазикот на танцот?
Уште од мали нозе учев карате, гимнастика,но не се пронаоѓав во тие полиња, покасно во тинејџерските години се запознав со латино танците и тогаш знаев дека тоа е тоа што ме исполнува. Во текот на години се обучував и учев секаде каде што имав прилика,а преку танцот го запознав и мојот сопруг кој ми стана и танцов партнер и со кого го водиме Dancers United веќе 7 години, каде секојдневно се обучуваме за да ги следиме трендовите во танцот.

9.Ваша инспирација?
-Наоѓам инспирација во се и во сите, неможам да кажам дека нешто конкретно ме инспирира повеќе или помалку, но најголема мотивација ми се моето семејство и моите две ќерки Емили и Луна .

 

10.Ваша порака до граѓаните:
-Да престанеме со стереотипи, со дискриминација и со делби . Сите ние сме еднакви, сите заслужуваме да имаме најисполнет и најубав живот и секој од нас е одговорен сам,само за своите постапки. Ние не одбираме како се раѓаме, но одбираме како ќе живееме. Подајте рака и подарете насмевка, ослободете се себеси од предрасудите и лошите мисли и тоа е првиот чекор кон среќен живот.