Популарната драмска серија на корејски јазик „Squid Game“ е прегледана на Нетфликс од 111 милиони домаќинства ширум светот, што ја прави најуспешната изворна содржина на Нетфликс.

Од нејзиното лансирање на 17 септември, драмата за преживување од девет епизоди се најде на врвот на популарните ТВ топ листи на Нетфликс во 94 земји, вклучувајќи ги САД, Обединетото Кралство и Франција, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Поточно, во САД „Squid Game“ стана првата неанглиска содржина, која остана на првото место 21 ден по ред.

„Откако Нетфликс ја лансираше својата корејска услуга во 2015 година, наша цел беше да им покажеме квалитетна содржина од корејско производство на оние кои ги сакаат корејските серии ширум светот. „Серијата „Squid Game“ ни помогна да го оствариме нашиот сон“, рече Ким Мин-јунг, потпретседател за содржина во азиско-пацифичкиот регион, со исклучок на Индија.

Заплетот на серијата „Squid Game“, во режија и сценарио на Хванг Донг-Хјук, прикажува стотици луѓе кои се натпреваруваат во смртоносни верзии на корејски детски игри за да добијат парична награда од 45,6 милијарди вони (38,5 милиони американски долари).