Линда Еванџелиста ќе ја краси насловната страница на Vogue, а за фотосесијата лицето и вратот ѝ се затегнати со самолепливи ленти. 57-годишниот модел открива нови детали за процедурата што ѝ го деформираше телото, но и што ја натерало да ја направи

 

Откако отворено прозборе за козметичките процедури што ѝ го деформираа телото, Линда Еванџелиста повторно почна да добива ангажмани, па сега ќе ја краси насловната страница на септемвриското издание на магазинот Vogue.

57-годишната Линда, која некогаш ја нарекуваа најубавата жена во светот, помина шест години „во криење“, по последиците од процедурата позната како CoolSculpting.

Ова е третман за намалување на масното ткиво, но кај Линда настанала ретка негативна реакција, по што нејзиното масно ткиво почнало да се зголемува.

 

Поради ова, моделот има масни наслаги по целото тело од кои не може да се ослободи. Сепак, таа открива дека по неуспешната процедура отишла на неколку третмани за липосукција кои колку-толку го намалиле масното ткиво.

На почетокот од годината, моделот направи фотосесија за People и прозборе за неуспешниот третман, изјавувајќи дека повеќе не сака да се крие од јавноста.

Неодамна Линда почна и со ангажмани, а на фотките за Vogue изгледа одлично.

Сепак, моделот истакнува дека она што го гледаме на фотографиите не е нејзиното вистинско лице – мејкап артистот користел самолеплива лента за да ѝ ги затегне лицето и вратот, а потоа ги покрил лентите со шалови и шешири.

 

„Тоа не се моите вилица и врат во реалноста – и не можам насекаде да одам со самолеплива лента. Пробувам да научам да се сакам себеси таква каква што сум.

Но, за фотографиите… Гледајте, за фотографии мислам дека секогаш создаваме фантазија. Создаваме соништа. Мислам дека тоа е дозволено.

На овие фотографии се скриени сите мои несигурности, па имам можност да го правам она што го сакам“, вели Линда во интервјуто за Vogue.

 

Низ 90-тите, Линда беше еден од најбараните модели и имаше соработувано со најголемите имиња од модната индустрија, вклучувајќи ги ChanelValentino и Ralph Lauren.

 

Во 2016-та таа престана со сите ангажмани, поради деформираното тело.

Во интервјуто за Vogue Линда споделува нови детали за последиците од неуспешната процедура, вклучувајќи ги и оние врз менталното здравје.

„Ако знаев дека во несакани ефекти спаѓа и можноста да ја изгубам работата и дека ќе бидам толку депресивна што ќе се мразам себеси… Немаше да го преземам тој ризик“, вели Линда која почнала да се изгладнува кога масните наслаги почнале да се зголемуваат.

 

Моделот открива и што ја натерало да направи таква процедура, кога сите беа восхитени од нејзината убавина:

„Рекламите за CoolSculpting постојано ги прикажуваа на телевизија. Одново и одново, и прашуваа; ’Дали ви се допаѓа она што го гледате во огледалото?‘ Како да ми зборуваа.

Тоа беше процедура за тврдоглави масни наслаги што не се намалуваат. Велеа дека нема период на закрепнување, нема операции. Па, ја направив – и излезе спротивно од очекуваното“.