Натали Портман оваа година на доделувањето на Оскарите носеше елегантна креација од модната куќа Диор. Без разлика на тоа што изгледаше прекрасно како и секогаш, вниманието го привлече на многумина не само заради црно-златниот фустан, туку и заради пораката која што ја пренесе на жените ширум светот. На црната наметка со златни букви беа извезени имињата на жените режисери кои што не добија никаква номинација оваа година и на овој начин таа им оддаде почит и го потсети светот дека без разлика на тоа дека живееме во едно модерно општество, жената во работната атмосфера е се уште потценета.

Жените чии имиња се најдоа на наметката беа Лулу Ванг, која го режираше филмот „The Farewell“, Грета Гервиг – “Little Women“, Лорен Скафарија – “Hustlers“, Мелина Матускас – “Queen & Slim“, Маријел Хелер – „A Beautiful Day in the Neighborhood“, Мати Диоп – „Atlantic“, Алма Харел – „Honey Boy“ и Селин Шама – „Portrait of a Lady on Fire“.

За само мало потсетување, во историјата од 92 години на доделувањето на Оскарите, само пет жени биле номинирани за најдобри режисери, а помеѓу нив само Кетрин Бигелов е единствена која всушност го добила оскарот во 2010 година за филмот “Тhe Hurt Locker“. Портман и оваа година потенцираше дека без разлика на гламурот и елегантноста која што се гледа на Оскарите, некои работи сепак не се промениле.